Главна секција Работните групи не договорија ништо, но ќе одмораат до 17 август

Работните групи не договорија ништо, но ќе одмораат до 17 август

Денеска е последната рунда преговори на работните групи за Договорот од Пржино, а потоа тие ќе одат на одмор до 17 август. Како што се дознава, белгискиот експерт Питер ван Хојте, кој е олеснувач на преговорите, ќе биде на годишен одмор.

Вчера работните групи не се договорија ништо околу специјалниот јавен обвинител. Денеска, пак, тие ќе разговараат повторно за изборниот модел.

На вчерашната средба, тимот на СДСМ го сочинуваа Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Рената Тренеска-Дескоска, додека од страната на ВМРО-ДПМНЕ, претставници беа постојаното дуо, Никола Попоски и Никола Тодоров. Интересите на ДУИ ги застапуваа Муса Џафери и Артан Груби, а на ДПА – Имер Алиу.

Овојпат, на средбата, освен претставници на ОБСЕ и на мисијата на Европската унија во Македонија, присуствуваа и претседателот на Меѓународната комисија на обвинители и член на Венецијанската комисија, Џејмс Хамилтон, кој требало да претстави конкретни искуства и примери за избор на специјален обвинител.

Специјалниот обвинител, кој ќе има целосна автономија, треба да биде избран до 15 септември.