Македонија Работните групи денеска ќе разговараат за специјален јавен обвинител, од утре на...

Работните групи денеска ќе разговараат за специјален јавен обвинител, од утре на одмор

Работните групи на најголемите политички партии за Договорот од Пржино денеска ќе разговараат за специјалниот јавен обвинител.

Според договорот од 15 јуни, тој треба да биде избран на 15 септември и да работи на расчистување на сомнежите што произлегоа од прислушуваните разговори.

Работните групи вчера разговараа за поставеноста на Државната изборна комисија (ДИК), судејќи по тоа што на состанокот во Клубот на пратеници присуствуваше и претседателот на комисијата, Никола Рилкоски.

Од СДСМ претставници беа Радмила Шекеринска и Дамјан Манчевски, на кои им се приклучи и Цветанка Иванова, додека претставници од ВМРО-ДПМНЕ, како и на претходните средби, беа Никола Попоски и Никола Тодоров. Претставници од ДУИ беа Муса Џафери, Артан Груби и Фатмир Бесими, а од ДПА – Имер Алиу, Беким Фазлиу и Луан Треси.

Работните групи на политичките партии за Договорот од Пржино од утре ќе имаат пауза до 10 август.

Причините, според нашите информации, се тоа што странските олеснувачи во процесот ќе заминат на годишен одмор во своите земји.

На средбите учествуваат и меѓународни експерти предводени од белгискиот експерт Питер ван Хојте, претставници на ОБСЕ и претставници од мисијата на Еврпската унија во Македонија.

По подготвителната средба од 22 јули, која се одржа во просториите на ОБСЕ во Скопје, работните групи секојдневно се сретнуваат од понеделникот.