Подглавна секција Путин ја предупреди Јужна Кореја да не ја снабдува Украина со оружја

Путин ја предупреди Јужна Кореја да не ја снабдува Украина со оружја

Портпаролот на Стејт департментот вели дека руското снабдување на Северна Кореја со оружја би го дестабилизирало корејскиот полуостров

Извор: en.kremlin.ru (http://en.kremlin.ru/events/president/news/73474/photos/75000)

Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Јужна Кореја да не ја снабдува Украина со оружја, велејќи дека таа би направила „голема грешка“ доколку тоа го стори, пренесува Би-би-си.

Изјавата на Путин доаѓа откако јужнокорејската власт соопшти дека го отвора прашањето на доставувањето оружја на Украина, како одговор на договорот потпишан меѓу на Русија и Северна Кореја оваа недела, во кој стои дека двете држави би си помагале меѓусебно во случај на „агресија“ врз нив, односно дека би се снабдувале со оружја.

„Москва би донела одлуки со кои веројатно сегашното раководство на Јужна Кореја најверојатно нема да биде среќно“, заканувачки изјави рускиот претседател, во однос на што би можело да се случи доколку Јужна Кореја застане зад Украина.

Како одговор на заканата кон Јужна Кореја и договорот за меѓусебно снабдување со оружја, портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер изјави дека руското вооружување на Пјонгјанг би го дестабилизирало Корејскиот Полуостров, пренесува Гардијан.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерството за надворешни работи на Јужна Кореја изјавија дека договорот меѓу Русија и Северна Кореја претставува „сериозна закана“ за мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров. Блинкен рече дека САД ќе разгледаат разни мерки како одговор на договорот.