Свет Путин и Обама зад затворени врати зборуваа за решавање на конфликтот во...

Путин и Обама зад затворени врати зборуваа за решавање на конфликтот во Сирија

Русија не ја исклучува можноста за воздушни напади против милитантите на Исламска држава во Сирија, но нема да испраќа копнени сили во земјата, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со претседателот на САД, Барак Обама.

Двајцата претседатели се сретнале на маргините на Генералното собрание на ОН. Ова е прва нивна средба во последните две години, а рускиот претседател по 90-минутниот состанок рече дека разговорот бил „конструктивен и отворен“.
Путин, сепак, рекол дека постојат несогласувања за тоа како треба да се стави крај на војната во Сирија во која досега загинале повеќе од 240.000 лица.

– Имам најдлабоко почитување за својот американски колега и за францускиот колега (Франсоа Оланд), но тие не се сириски државјани и не треба да бидат вмешани во изборот на лидер на друга земја. Размислуваме за тоа како дополнително да ѝ помогнеме на сириската војска. Но, кога станува збор за копнени операции, нема збор за учество на руски војници – рече Путин.

Неименувани американски извори, по средбата Обама-Путин, рекоа дека постои „заедничка желба“ да се најде решение за војната во Сирија, но оти претседателите не се согласуваат во врска со евентуалната политичка тензија во таа земја.

САД, Франција и другите западни земји сметаат дека кризата во Сирија може да се реши само со заминувањето од власт на Башар ал Асад, додека Русија смета дека без него и силите лојални на властите во Дамаск, не може да се сузбие екстремистичката Исламска држава.