Македонија Пуштен во сообраќај експресниот пат Штип – Крупиште долг 14,3 километри

Пуштен во сообраќај експресниот пат Штип – Крупиште долг 14,3 километри

Експресниот пат Штип-Кочани годинава треба во целост да се заврши; Извор на фотографија: ЈП за државни патишта

Јавното претпријатие за државни патишта информира дека делницата Штип – Крупиште од вчера е пуштена за сообраќај, со задолжително почитување на одобрениот времен режим и поставената патна сообраќајна сигнализација. Станува збор за прва фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, која е долга 14,3 километри и за чија изградба се издвоија 20,2 милиони евра.

Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри, со две сообраќајни ленти од по 3,5 метри, две ленти за принудно застанување од по 2 метри и две рабни ленти од по 0,20 метри.

Во моментов на терен се изведува втората фаза од овој проект, која е долга 13,7 километри и со чија изградба селото Крупиште ќе се поврзе со Кочани. Градежните активности на втората фаза ги изведува кинеската компанија „Синохидро“, а рокот за целосно завршување на експресниот пат Штип-Кочани е 2021 година.

Експресниот пат Штип – Кочани е со планирана должина од 28 километри и со планирана вредност на проектот од 40 милиони евра. Овој нов патен правец започнува кај месноста Три чешми во Штип и се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Експресниот пат се состои од четири јазли, осум надпатници, пет подпатници и пет мостови.