Македонија Првоосомничениот Љ.П. поврзан со убиството на Вања е во бегство, тројца вечерва...

Првоосомничениот Љ.П. поврзан со убиството на Вања е во бегство, тројца вечерва ќе бидат спроведени во „Шутка“

Првоосомничен за двете убиства, според извори на Мета од полицијата, е скопјанецот Љ.П. со прекар „П.“. Тој во моментов е во бегство. Станува збор за контроверзно лице познато за пошироката јавност, кој беше ангажиран за изградба на станови, а извесно време беше и партиски активен

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Во околината на Скопје денеска беше пронајдено безживотното тело на 14-годишната Вања Ѓорчевска, додека во околината на Велес е пронајдено телото на 74-годишниот Панче Жежовски кој беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

Жежовски беше претседател на Унијата на ветерани на партијата Единствена Македонија. Неодамна излезе на прес-конференција, со поддршка до пензионерите за нивните барања за линеарно зголемување на пензиите. Беше доста активен на социјалните мрежи и често објавуваше свои ставови по повод актуелните случувања во земјава.

Првоосомничен за двете убиства, според извори на Мета од полицијата, е скопјанецот Љ.П. со прекар „П.“. Тој во моментов е во бегство. Станува збор за контроверзно лице познато за пошироката јавност, кој беше ангажиран за изградба на станови, а извесно време беше и партиски активен.

За двајца од првично приведените лица било утврдено дека немаат поврзаност со настанот и биле пуштени на слобода. Во меѓувреме, за други три лица се бара притвор, тие се пред судија на истражна постапка и набрзо ќе бидат спроведени во истражниот затвор во Шутка. Во полициска станица на распит е близок член од семејството на 14-годишната Вања.

Двете убиства, како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), се со ист мотив – користољубие.

Автомобилот на велешанецот Жежовски беше пронајден во селото Бразда, опожарен, истиот ден кога исчезна 14-годишната Вања. Неофицијално, девојчето било киднапирано во истото возило марка „Цитроен“. Нејзиното тело денеска беше пронајдено во селото Орман, а девојчето било убиено само 2,5 часа откако била земена, во понеделникот.

МВР и Јавното обвинителство денеска излегоа со соопштение за двата трагични настани, кое не е докрај прецизно, a повеќе информации се очекуваат утре на прес-конференција во 9:30.

Пронајдено безживотното тело на 14-годишната Вања Ѓорчевска