Македонија Протестот во близина на седиштето на СДСМ заврши без инциденти

Протестот во близина на седиштето на СДСМ заврши без инциденти

Протестот што се одржуваше во непосредна близина на седиштето на СДСМ официјално заврши. Симпатизерите и приврзаниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, излегоа да го изразат својот револт од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира и да амнестира политичари со која се опфатени и Зоран Верушевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На улицата која води кон седиштето на партијата, сè уште е присутна полицијата, но демонстрантите си заминуваат.

Протестот се одвиваше мирно, со звуци на аларм за тревога, а во одредени моменти демонстрантите извикуваа „Заев пе**р“, „Комунистички пи**и“, „Заев апаш“ и „Лопови“.

Во еден момент неколку од демонстраните се обидоа да ја испровоцираат полицијата и да се приближат до седиштето на СДСМ, но полицискиот кордон успеа да ги спречи.

Во обидот да се спречи пробивањето на кордонот, се вклучија и дел од демонстрантите кои застанаа во одбрана на полицијата велејќи дека тие не се виновни и само си ја вршат работата.