Подглавна секција Протести во Тел Авив откако војската призна дека убила тројца заложници во...

Протести во Тел Авив откако војската призна дека убила тројца заложници во Газа по грешка

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху ја опиша нивната смрт како „неподнослива трагедија“ и вели дека Израел жали за згаснувањето на нивните животи, додека Белата куќа инцидентот го нарече „трагична грешка“

Israel Defense Forces, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Израел денеска тагува за смртта на тројцата заложници од Газа, кои се убиени поради грешка на израелските војници, а војската изрази каење за „трагичниот“ инцидент што предизвика протести во Тел Авив, пренесува Гардијан.

Тројцата убиени биле меѓу 240 лица кои се земени како заложници за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври годинава, во кои загинаа и околу 1.200 лица.

„За време на борбите во Шејаја, израелските одбранбени сили по грешка идентификуваа тројца израелски заложници како закана и како резултат на тоа пукаа кон нив и заложниците беа убиени. Изразуваме длабока тага за оваа катастрофа и ја споделуваме тагата на семејствата”, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили, Даниел Хагари.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја опиша нивната смрт како „неподнослива трагедија“ и вели дека Израел жали за згаснувањето на нивните животи, додека Белата куќа инцидентот го нарече „трагична грешка“.

Како што веста за случувањето се рашири доцна во петокот, стотици луѓе се собраа пред израелското Министерство за одбрана во Тел Авив за да ја повикаат владата на Нетанјаху да обезбеди ослободување на повеќе од 130 заложници, за кои Израел верува дека сè уште се држат на територијата под контрола на Хамас.