Свет Европа Протести во Будимпешта – повеќе од илјада демонстранти се собраа близу руската...

Протести во Будимпешта – повеќе од илјада демонстранти се собраа близу руската амбасада

Повеќе од илјада луѓе се собраа вчера близу амбасадата на Русија во Будимпешта, продолжувајќи ги протестите против, како што велат, засиленото руско влијание врз Унгарија во последните неколку години и против авторитарната политика на премиерот Виктор Орбан, известуваат унгарски медиуми.

Намерата на демонстрантите беше протестот да се одржи пред руската амбасада, но полицијата го забрани тоа.

Писателот и филозоф Андраш Лањи, говорејќи на протестот, рече дека владата постепено се движи кон диктатура, во која противниците се затвораат или се убиваат, наведувајќи ги како примери Русија, Азербејџан и Иран.

– 21 век стана опасен период, во кој се зголемува растојанието помеѓу Истокот и Западот – рече Лањи.

Хенриета Николета Антал, активистка од иницијативата што се противи на преобразувањето на градскиот парк, ги повика демонстрантите да се приближуваат кон западните вредности и животен стил.

На протестот се извикуваа пароли „Европа! Европа!“ и „Да ја запреме Москва“, како одговор на владината кампања „Да го запреме Брисел“.

Унгарската влада во последните години е остар критичар на бриселските политики, кои ги нарекува реформи со кои се сака да се одземе сувереноста на членките на ЕУ.