Економија Просечната нето-плата во мај се зголемила на 31.407 денари

Просечната нето-плата во мај се зголемила на 31.407 денари

Фото: Порталб.мк/Суад Бајрами

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2022 година изнесува 31.407 денари, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Според податоците на ДЗС индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2022 година, во однос на мај 2021 година, изнесува 109.4.

„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19,7 отсто), уметност, забава и рекреација (16,1 отсто) и Преработувачка индустрија (14,3 отсто).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (10,8 отсто), трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (2,1 отсто) и административни и помошни услужни дејности (1,4 отсто).

Најниска просечна нето плата е исплатена во „дејности за подготовка на оброци и
служење на храна“, 22.791 денари, а највисока нето плата е исплатена во дејноста „Информации и комуникации“, која изнесува 60.269 денари. Највисока просечна нето плата е исплатена во професијата Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 80.804 денари.