Главна секција Пропаднаа преговорите за медиумите – партиите не постигнаа договор

Пропаднаа преговорите за медиумите – партиите не постигнаа договор

Белгискиот посредник Питер Ванхауте доцна вечерва потврди дека партиите потписнички на Договорот од Пржино не постигнале договор по прашањето за регулацијата на медиумите.

– Интензивно преговаравме два дена и она што можам да го потврдам во моментов е дека договор не е постигнат – рече Ванхауте.

Одговарајќи на новинарско прашање кој е виновен за пропаѓањето на преговорите за медиумите, Ванхауте рече дека во нив учествуваа четирите партии и сите ја сносат одговорноста за неуспехот.

Како што рече белгискиот олеснувач, неуспехот на партиите да постигнат договор за медиумите ќе влијае на оцената што амбасадорите на Европската унија и на САД во земјава треба да ја соопштат утре околу тоа дали се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април.

На својот твитер-профил, Ванхауте напиша: „Не е постигнат договор за медиумите. Не се закажани понатамошни преговори, освен ако партиите не го побараат тоа. Остануваме на располагање за понатамошни дискусии“.