Подглавна секција Прогноза за торнадо во Црното Море, Русија ги прибра бродовите и ракетните...

Прогноза за торнадо во Црното Море, Русија ги прибра бродовите и ракетните носачи во базите

Има извештаи и оти невремето ги оштетило железничките пруги во крајбрежните области, што може да влијае врз логистичките капацитети на руската војска во окупираниот Крим и во јужна Украина

фото: Укринформ

Во регионот на Црното Море се прогнозира торнадо по невремето во кое загинаа најмалку 14 лица, а повеќе од 2 милиони останаа без струја во Русија и Украина, вклучително и окупираниот Крим.

Американскиот Институт за проучување на војната соопшти дека невремето ја принудило Русија да ги врати своите поморски бродови и ракетни носачи во нивните бази, но и дека заканата од мини што ќе се движат слободно низ Црното Море се зголемила, бидејќи бурата ги разурнала минските полиња.

Како што пренесува Гардијан, има извештаи и оти невремето ги оштетило железничките пруги во крајбрежните области, што може да влијае врз логистичките капацитети на руската војска во окупираниот Крим и во јужна Украина.

Во најновото ажурирање на британското разузнавање, Министерството за одбрана на Обединетото Кралство соопшти оти Русија направила мал напредок на северната оска на движење како дел од обидот да ја опколи Авдиивка.

„Иако Авдиивка стана испакнатина во украинската фронтална линија, Украина останува да го контролира коридорот од територијата широк приближно 7 километри, преку кој продолжува да го снабдува градот“, се вели во извештајот на британското разузнавање.

Во меѓувреме, четири лица загинаа, а најмалку пет биле повредени во руски гранати што во текот на ноќта погодиле петкатна зграда во јужниот украински град Никопол, изјави гувернерот на регионот Днипропетровск, Серхиј Лисак, а пренесе Гардијан.

Украинската новинска агенција Укринформ објави дека руските сили извршиле напади и во Донецк, каде се повредени седум цивили, но и во регионот Херсон, при што со повреди завршиле четири лица.

Укринформ јавува и за напади на три погранични заедници во регионот Суми.