Македонија Проектот за чистење на ОХИС и судските закони денеска на владина седница

Проектот за чистење на ОХИС и судските закони денеска на владина седница

На својата 107. седница, денеска Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството, а ќе се зборува и за проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Министерството за правда треба да ги достави за одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци.

На предлог на Министерството за правда, ќе се разгледува и анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари – јуни 2018 година.

Исто така, на денешната седница на Владата ќе биде презентирана и информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Норвешка, со кој ќе се реализира проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Владиниот кабинет ќе одлучува и за предлог-измената на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година.

Ќе се дискутира и за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.