Македонија Продолжуваат нападите на штабови и на членови и на поддржувачи на СДСМ

Продолжуваат нападите на штабови и на членови и на поддржувачи на СДСМ

Вчера претпладне во ЕИК Скопје (Единицата за информации и команда) било пријавено дека ноќта од страна на непознати лица биле искрешни стаклата од штабот на политичката партија СДСМ, на улицата Јужноморавски бригади во населбата Ченто.

Од МВР информираат дека вчера, во 16.30 часот, во Единицата за информации и команда било пријавено дека во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од страна на непознато лице физички бил нападнат 60-годишниот Љ.Ф. Како што пренесоа дел од медиумите, станува збор за професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски.

Дваесетина минути подоцна, И.Т. (24) пријавила дека на оградата од нејзината куќа бил поставен голем лист хартија (хамер) испишан со недолична содржина. Станува збор за пратеничката во Собранието од СДСМ, Ивана Туфегчиќ, која во изјава за „Фокус“ го потврди инцидентот.

МВР во денешниот билтен информира дека вчера околу 17.50 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје, на автобуска постојка две непознати лица физички нападнале 16-годишен малолетник, удирајќи го со тупаници, а се обиделе да му го одземат и мобилниот телефон.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случаите и на пронаоѓање на сторителите.

Насилствата на автобуските постојки, како и нападите на штабови на СДСМ и на нивни членови и поддржувачи почнаа истовремено со протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. На еден од протестите беше нападната и новинарската екипа на порталот „А1он“.