Македонија Продолжува со работа Комисијата за следење изборни нерегуларности на Обвинителството

Продолжува со работа Комисијата за следење изборни нерегуларности на Обвинителството

Јавното обвинителство денеска соопшти дека Комисијата за следење изборни нерегуларности, формирана од Јавниот обвинител во март годинава, продолжува со својата работа, чија цел е заштита на изборниот процес од криминални и од други противзаконити активности.

Со комисијата претседава обвинител од Јавното обвинителство на Република Македонија, а членови се четворица виши јавни обвинители и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје. Нивна задача е, како што информираат од Јавното обвинителство, да го следат изборниот процес и за сите настани за кои ќе оценат дека вклучуваат индиции за изборни нерегуларности да дадат насоки за итно постапување од Основните јавни обвинителства.

„Привремената Комисија за следење изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија денеска одржа работна средба во насока на зајакнување на активностите поврзани со изборниот процес за претстојните избори. Целта на средбата беше да се утврди начинот на меѓусебното комуницирање, а во насока на превенирање и постапување по противзаконски дејства што евентуално би биле сторени при организирањето и при спроведувањето на изборниот процес на 11 декември 2016 година“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Во рамките на активностите на комисијата, во функција е електронската адреса izbori@jorm.gov.mk, на која граѓанските организации, но и граѓаните воопшто, ќе можат да пријавуваат секакви сомнежи за сторени кривични дела поврзани со изборите, а сите пријави ќе бидат проследени до комисијата, која предметите ќе ги испраќа на итно постапување кај надлежен обвинител.

„Дополнително на ова, Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите информации објавени во медиумите и при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас“, додаваат од Јавното обвинителство.