Свет Балкан Продолжува штрајкот на грчките новинари

Продолжува штрајкот на грчките новинари

Грција тоне во медиумски мрак со денови. Грчките новинари од вчера го продолжија штрајкот кој почна во четвртокот. Синдикатот на новинари и на уредници одлучи да се штрајкува до среда, во знак на револт и на протест против новите пензински и здравствени реформи со кои ќе се зголеми возрасната граница за одење во пензија, а ќе се намалат пензиите.

На телевизиите наместо информативни емисии и вести, се вртат само стари филмови и стари забавни програми. Телевизиски вести има само еднаш дневно и тоа кус информативен блок од 15 минути.

Информации има единствено на информативните веб-страници и на интернет-страниците на медиумите.

Медиумскиот сектор е на постојан удар од почетокот на кризата.

Во медиумите имаше и сè уште има голем број отпуштања, намалувања на платите, а работните часови и прекувремената работа само се зголемува без да има каков било финансиски надомест за тоа. Редакциите на печатените изданија, особено редакциските тимови во Солун, се преполовуваат, а платите во одредени медиуми доцнат и до шест месеци.

Сепак, штрајкот доаѓа во моменти кога работите на политичката сцена во Грција вријат, а граѓаните се без информации. Во овој контекст, новинарите од грчката телевизија „Скај“ вчера побараа од синдикатот да го запре и да го одложи штрајкот. Во своето барање до синдикатот, забележуваат дека со овој штрајк ќе се дозволи важни работи да поминат, да се изгласаат, а јавноста да остане неинформирана за тоа.

„Фактот дека се разговара за нов состанок со еврогрупата на кој веројатно ќе се разговара за нов пакет мерки заедно со парламентарна процедура за пензиските реформи, кои ќе се стават на разговор и на гласање по Велигден, јасно посочува дека не е во интерес на новинарите да се продолжи штрајкот, туку да се одложи“, се вели во барањето на новинарите од „Скај“.