Свет Балкан Продолжен притворот на таткото на детето кое изврши масакр во белградското училиште

Продолжен притворот на таткото на детето кое изврши масакр во белградското училиште

Притворот на таткото е продолжен на предлог на обвинителството поради посебни околности кои укажуваат дека обвинетото лице може да го повтори делото доколку се најде на слобода

Извор на фотографија: PIXSELL, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=131557666

Вишиот суд во Белград му го продолжи за 30 дена притворот на таткото на момчето кое го изврши масакрот на 3 мај во белградското училиште „Владислав Рибникар“, во кое животот го загубија 10 лица и шестмина беа ранети, јавува Радио-телевизија Србија.

Притворот на таткото е продолжен на предлог на обвинителството поради посебни околности кои укажуваат дека обвинетото лице може да го повтори делото доколку се најде на слобода.

„Со оглед на тоа дека постои основано сомневање дека обвинетиот сторил кривично дело за кое е пропишана казна затвор од над десет години, а начинот на извршување и тежината на последиците од кривичното дело предизвикаа вознемиреност во јавноста, кое може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка“, се наведува во образложението на Вишиот суд во Белград.

Во моментов тече предистражната постапка и за мајката на момчето кое го стори масакрот за да се утврди дали во нејзините постапки има елементи на сторено кривично дело запоставување и злоставување на дете, а се вршат и проверки во стрелачкиот клуб каде таткото и синот вежбале да пукаат од оружје.

Обвинетиот татко беше уапсен откако неговиот син, кој, според законот, не може да одговара кривично бидејќи е малолетник кој не наполнил 14 години, изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.