Македонија Продавниците и киосците сепак нема да работат на 7 и 8 јануари

Продавниците и киосците сепак нема да работат на 7 и 8 јануари

Препораката која предвидуваше работа во недела и за време на божиќните празници во трговијата на мало, а која беше донесена минатиот четврток на предлог на Министерството за економија, Владата ја промени на денешната седница

Фото: Mehrad Vosoughi on Unsplash

Престанува да важи препораката за работа на 7 и 8 јануари 2024 година на продавниците, штандовите и киосците кои вршат трговија на мало за време на божиќните празници, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Препораката која предвидуваше работа во недела и за време на божиќните празници во трговијата на мало, а која беше донесена минатиот четврток на предлог на Министерството за економија, Владата ја промени на денешната седница.

Минатата седмица, препораката трговците на мало да работат на 31 декември, како и на 1, 7 и 8 јануари, од Владата ја правдаа со волјата да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на празниците, посебно во малите градови и места каде нема трговски центри кои работат во недела и на празници.

Со денешната одлука, Владата го прифатила посочувањето на МТСП дека 7 јануари (недела) и 8 јануари (понеделник) се неработни денови, согласно Законот за празниците.