Македонија „Призма“: Орав доставил дипломатска нота до МНР за прислушувањето

„Призма“: Орав доставил дипломатска нота до МНР за прислушувањето

Амбасадорот на Европската унија (ЕУ) во земјата, Аиво Орав, до Министерството за надворешни работи (МНР) доставил дипломатска нота откако лидерот на опозицијата, Зоран Заев, соопшти дека најмалку шест амбасадори на најважните земји биле прислушувани. Евроамбасадорот преку нотата побарал да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, пишува „Призма“, повикувајќи се на дипломатски извори на БИРН.

Како што пишува „Призма“, информацијата официјално ја потврдиле од МНР, преку писмена изјава во која било наведено дека „нотата е упатена при искажани закани во јавноста од лидер на политичка партија дека поседува нелегално стекнати и креирани материјали“.

„Имаме постојана комуникација, но не можеме да коментираме кога станува збор за билатерална комуникација, преку вербална нота или поинаква. Јавната комуникација ја изразуваме преку соопштенија“, бил одговорот од канцеларијата на амбасадорот Орав доставена до БИРН во врска со ова прашање.