Македонија Приватните специјализанти бараат писмена гаранција дека ќе добијат регулиран работен однос

Приватните специјализанти бараат писмена гаранција дека ќе добијат регулиран работен однос

Нашиот штрајк продолжува сè додека не добиеме писмена официјална изјава или гаранција дека нашите барања ќе бидат исполнети“, изјави д-р Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина

Фото: Архива, Здружение на лекари специјализанти

Приватните специјализанти од денеска нема да одат на работа додека не добијат гаранција дека ќе бидат исполнети нивнте барања за повисоки плати и регулирање на работниот однос. Тие денеска започнаа со штрајк, за кој најавија дека ќе продолжи ако не добијаат писмени гаранции дека барањата ќе им бидат исполнети.

Специјализантите штрајкуваа и пред две недели пред Министерството за здравство, но велат дека оттогаш, нема придвижување на работите кон подобро. Тие денеска побараа да добијат писмена гаранција дека нивните барања за покачување на месечниот надоместок, плаќање здравствено осигурување и решавање на нивниот статус, ќе бидат исполнети.

Д-р Христина Илиоска-Чешлароска кажа дека на овој чекор се одлучиле бидејќи Министерството за здравство немало слух за решавање на нивните проблеми.

„Добивме повик од претставник на министерството дека денеска во 14 часот ќе се одржи средба во Владата, меѓутоа немаме информација кој сè ќе присуствува на неа и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Затоа нашиот штрајк продолжува сè додека не добиеме писмена официјална изјава или гаранција дека нашите барања ќе бидат исполнети“, изјави д-р Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

„Наша борба, ваше здравје“, „Плати скромни, трошоци огромни“, „Ние не сакаме да си одиме, вие нè бркате“. Ова беа само некои од транспарентите со кои на 27 март неколку стотици лекари специјализанти, побараа повисоки плати и регулиран работен однос, кои штрајкуваа пред зградата на Министерството за здравство.