Дописници Пријавени двојно повеќе кандидати за попишувачи во Штип од потребниот број

Пријавени двојно повеќе кандидати за попишувачи во Штип од потребниот број

Извор на фотографија: Министерство за правда

На конкурсот за реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис во Штип, се пријавиле 266 кандидати за 129 места за попишувачи и 13 инструктори. Уште десет отсто ќе бидат селектирани како резервни попишувачи. Бројката се однесува за општините Штип и Карбинци.  

– Во четврток и петок (11 и 12 март) во термините 10, 12 и 14 часот се закажани тестирањата, преку кои ќе бидат селектирани кандидатите за реонски попишувачи и инструктори за Штип и Карбинци – изјави Соња Китанова, секретар на Општина Штип.

Тестирањата за двете општини ќе се одвиваат во фискултурната сала во гимназијата „Славчо Стојменски“. Списоците со распоредот на тестирањата се објавени на влезот во Општина Штип и на врата на фискултурната сала.
Китанова препорача да изостанат од тестирањето кандидатите кои имаат член на семејството кој се тестира или е болен од ковид-19, додека останатите со себе треба да носат заштитна маска Н95.