Дописници Превентивно запрашување како заштита од вирусот зика во Охрид

Превентивно запрашување како заштита од вирусот зика во Охрид

Охрид ќе биде еден од градовите во кои ќе биде извршено брзо превентивно запрашување од вирусот зика, во согласност со препораките од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Комисијата за заразни болести за превенција од вирусот зика во Македонија.

Таа обврска им припаѓа на локалната самоуправа и на Центарот за јавно здравје од Охрид, кои во текот на наредните две недели ќе извршат теренско запрашување против комарци.

– Ќе бидат опфатени оние делови од територијата на Охрид каде што обично се лоцирани гнездата на комарците. Освен ова запрашување, во текот на наредните месеци пред почетокот на летото ќе бидат извршени уште две теренски запрашувања против комарци во охридскиот регион – вели во изјава за „Охрид прес“, Атанаско Михаилов, директор на Центарот за јавно здравје од Охрид.

Покрај во општина Охрид, теренско запрашување против комарци во текот на наредните денови ќе биде спроведно и на територијата на општина Дебрца.

Во текот на февруари, Светската здравствена организација побара од европските земји веднаш да почнат да се подготвуваат да го заштитат населението од вирусот зика, за да се намали ризикот од ова заболување.

Оттаму предупредија дека епидемијата на вирусот зика, ова лето би можела да ги погоди Шапанија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Италија и други дестинации популарни меѓу туристите.