Македонија Претседателот на Комисијата за избори и за именувања ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Комисијата за избори и за именувања ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ

Парламентарните политички партии на денешната координација во Собранието договориле претседателот на Комисијата за избори и за именување да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а конститутивната седница на Собранието да продолжи в понеделник.

Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека името на претседателот на Комисијата ќе се знае во текот на денот. Сепак, извори од ВМРО-ДПМНЕ, за дел од медиумите потврдиле дека нејзин претседател најверојатно ќе биде токму Димовски.

– Претседателското место и шесте члена што ВМРО-ДПМНЕ ги доби во Комисијата за избори и за именувања не се добар гест од страна на СДСМ, туку се правила и практика според кои Собранието функционира 25 години. Доколку СДСМ продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои секојдневно протестираат и доколку СДСМ продолжи со ваквите постапки со кои прифаќа дека е губитничка партија на изборите, Собранието ќе продолжи нормално да функционира – рече Димовски.

Димовски додаде дека в понеделник единствена точка за која ќе одлучува Собранието ќе биде изборот на составот на Комисијата за прашања за избори и именувања, а нема да се избере претседател на Собранието.

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски, рече дека прифатиле претседателот на Комисијата да биде од редовите од ВМРО-ДПМНЕ за да се откочат процесите во државата.

– Ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ за да се откочат процесите во Македонија, да профункционираат демократските процеси и законодавниот дом и граѓаните да не бидат заложници на кој било политичар или политичка партија. Сметам дека ова е потребно и добро затоа што многу штета трпат граѓаните и економијата – рече Спасовски.

Според договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.