Uncategorized Претседателот на Европскиот парламент на итна средба со Ципрас

Претседателот на Европскиот парламент на итна средба со Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Атина ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, што е прва посета на претставник на ЕУ откако Грција доби нова влада.

Покрај Шулц, кој беше првиот претставник од Брисел што му ја честиташе победата на Ципрас, во Атина доаѓа и претседателот на групата министри за финансии на еврозоната, Јерун Дејселблум.

Во пресрет на посетата на Атина, денеска се огласи и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, кој за францускиот весник „Фигаро“ изјави дека нема да станува збор за простување на грчкиот долг.

Тој порача дека се можни договори, но дека суштински промени нема да има.

– Го почитуваме гласот на народот во Грција, но Грција мора, исто така, да ги почитува долговите, јавното мислење и парламентарците од Европа – рече Јункер.

Шефот на еврогрупата, Дејселблум, во пресрет на изборите во Грција, изјави дека еврозоната би можела да ѝ понуди дополнителна помош на Атина ако таа ги исполни ветувањата поврзани со реформите.

Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, тогаш изјави дека ако неговата партија победи на изборите, Грција ќе остане во еврозоната, но оти истовремено ќе се бори против мерките на штедење.

– Сите политичари и сите влади работат со ограничувања. Ако немате доволен прелив на пари, не можете да ги трошите. Ако не можете да пронајдете кредитори да го финансираат вашиот буџет, не можете да трошите средства од него – рече Дејселблум, повикувајќи ги грчките гласачи да обратат внимание на финансиската реалност на земјата.