Македонија Претседателот на Антикорупциска вторпат си замина од прес-конференција

Претседателот на Антикорупциска вторпат си замина од прес-конференција

Откако е претседател на Антикорупциска комисија, Горан Миленков вторпат одбива да одговори на новинарски прашања. Денеска тој си замина од прес-конференцијата што сам ја закажа, додека новинарите го повикуваа да се врати бидејќи имаат уште прашања.

Денеска Миленков одби да одговори на новинарски прашања за тоа дали ќе постапат и што ќе преземат во врска со откриените наводи за криминални злоупотреби од функционери на власта во снимките што ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Како одговор на новинарско прашање дали антикорупциска има отворено случај за „бомбите“, Миленков рече дека нема да коментира случаи што се во судска процедура.

Претходно, на прашање како го коментира фактот што комисијата се занимава само со форма, но во нејзините активности нема суштински постапки за сузбивање на корупцијата во државата, дека има улога на статист, дека е невидлива и нефункционална, Миленков одговори: „Со самото тоа што ве повикавме на прес-конференција, се гледа дека работиме транспарентно, а ова останатото е вашата перцепција“.