Македонија Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Соговорниците изразиле очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти

Сиљановска Давкова го реафирмирала македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина“, соопшти претседателскиот кабинет | Фото: Кабинет на претседателот

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопштија од претседателскиот кабинет.

На средбата било констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани врз пријателство и соработка во сите области од взаемен интерес, при што претседателката Сиљановска Давкова изразила подготвеност за натамошно проширување на билатералната соработка и продлабочување на македонско-кинеското пријателство во текот на нејзиниот мандат. Таа го реафирмирала македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина“.

Соговорниците изразиле очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти и ги нагласиле можностите за проширување на економската соработка и туризмот. Во тој контекст, претседателката посочила дека е неопходно македонските стопанственици да бидат подобро запознаени со регулативата, прописите и функционирањето на кинескиот пазар, како би можело да се зголеми извозот во Кина.

Претседателката Сиљановска Давкова и кинескиот амбасадор Ѕуо разговарале и за улогата и влијанието на Народна Република Кина во светот, како и во нашиот регион, особено во контекст на економијата, а разменија мислења и информации и за ставовите на кинеската надворешна политика.