Македонија Препродавачите на билети за Супер купот се спогодиле со ОЈО да платат...

Препродавачите на билети за Супер купот се спогодиле со ОЈО да платат казни по 500 евра

Петмината препродавачи на билети за Супер купот, за кои МВР поднесе кривични пријави, денеска се спогодиле со Основното јавно обвинителство Скопје, да платат парични казни во висина од 500 евра, информираат од таму.

„Еден од осомничените е државјанин на Република Србија, двајца се државјани на Велика Британија, додека двајца имаат двојно државјанство и на Република Македонија и на САД. Со сите нив, надлежните обвинители постигнаа спогодби за одмерување на видот и на висината на кривичната санкција, со кои секое од лицата прифати да плати парична казна во висина од 500 евра. Дополнително, за лицата кои немаат македонско државјанство е предвидена и мерка протерување од земјата за време од една година“, се вели во соопштението на ОЈО.

Предлог-спогодбите со осомничените се доставени до судија на претходна постапка.

„Лицата беа осомничени дека го извршиле делото санкционирано со последните измени на Кривичниот законик, а со кои се санкционира нелегално препродавање билети за спортски натпревари. Согласно законот, за ова кривично дело е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, се додава во соопштението.