Свет Европа Премиерката на Исланд се приклучува кон штрајкот поради родовиот јаз во платите

Премиерката на Исланд се приклучува кон штрајкот поради родовиот јаз во платите

Жените во Исланд беа повикани денеска да одбијат платена и неплатена работа, како и домашни обврски. Планираното излегување на улица го означува првиот целодневен штрајк на жените од 1975 година

Kmu.gov.ua, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Десетици илјади жени во Исланд, а меѓу нив и премиерката Катрин Јакобсдотир, денеска одбиваат да работат. Слободниот ден на жените – „квенафри“ (kvennafri) е повикан во знак на протест поради родовиот јаз во платите и родовото насилство, пренесува Би-би-си.

Планираното излегување на улица го означува првиот целодневен штрајк на жените од 1975 година.

Жените и небинарните луѓе беа повикани денеска, вторник, да одбијат платена и неплатена работа, како и домашни обврски.

„Нема да работам овој ден, како што очекувам дека нема да работи ниту една жена во кабинетот“, изјави премиерката Јакобсдотир за интернет страницата mbl.is пред протестот.

Посебно погодени од родовиот јаз во платите во Исланд се областите во кои жените го сочинуваат мнозинството работници, како што се здравството и образованието.

Според исландскиот Синдикат на наставници, жените го сочинуваат мнозинството наставници на секое ниво од образовниот систем, вклучувајќи и 94 отсто од воспитувачките во градинките. Околу 80 отсто од работниците во Националната универзитетска болница на Исланд – најголемата во државата – се жени.

Инаку, веќе 14 години по ред Исланд од страна на Светскиот економски форум (СЕФ) е рангирана како најдобра земја во светот за родова еднаквост. Земјата, сепак, не е целосно рамноправна, односно според СЕФ, постигнала резултат од 91,2 отсто.

Околу 90 проценти од женската работна сила во Исланд стапи на штрајк во 1975 година, сакајќи да ја истакне важноста на жените за економијата. Штрајкот го натера парламентот следната година да донесе закон за еднакви плати.