Свет Балкан Прекината седницата на косовското собрание поради Харадинај

Прекината седницата на косовското собрание поради Харадинај

Косовското собрание вечерва ја прекина седницата во знак на протест поради одлуката на францускиот суд да го одложи до 2 март одлучувањето по барањето на Србија за екстрадиција на лидерот на партијата Алијанса за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Седницата била прекината на барање на шефот на пратеничката група на АБК, Пал Лекај.

„Во знак на протест поради одолжувањето на донесувањето на одлуката за Харадинај до 2 март, барам седницата да се прекине и да биде продолжена во вторник“, рекол Лекај, а собранието го прифатило неговото барање.

Апелацискиот суд во францускиот град Колмар денеска реши да ја одложи одлуката по барањето на Србија за екстрадиција за 2 март.

Харадинај пред судот изјавил дека не прифаќа да им биде испорачан на српските власти бидејќи обвинение против него за воени злосторства било политички мотивирано.

Тој беше уапсен на 4 јануари оваа година на аеродром во Франција, врз основа на меѓународна потерница на Србија, каде е обвинет за воени злосторства за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година.

Судот во Колмар условно го ослободи Харадинај од притвор до донесувањето на одлуката за негова екстрадиција.