Дописници Прекината наставата во општините Охрид, Струга и Дебарца, сите планински села отсечени

Прекината наставата во општините Охрид, Струга и Дебарца, сите планински села отсечени

Поради прекинот со електрично напојување, утринава не се одржа настава во првите смени во сите училишта во Охрид, Струга и во општина Дебарца. Поради високите снежни намети, сите села од Дебрца се практично отсечени. Неизвесно е дали настава ќе има и во втората смена во Охрид, додека во Дебарца и во Струга и официјално ќе нема настава и во текот на утрешниот ден.

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, лично упати апел до учениците и до наставниците во училиштата во општина Струга денеска и утре да не ја реализираат наставата поради тоа што нема електрична енергија.

– Училиштата во општина Струга се загреваат на нафта, но пумпите на парните котли работат на електрична енергија. Поради тоа што немаше струја, утрово училниците во училиштата се многу студени, а електрична енергија нема и понатаму во Струга. Затоа ги повикувам наставниците, децата и родителите да не се реализира наставата денеска и утре зашто нема воопшто услови за тоа – рече Села за охридското „Супер радио“.

Тој појасни дека денешниот и утрешниот ден ќе се одработат дополнително кога ќе има услови за тоа.
Градот и околните села, од кои најголемиот дел се планински, се оковани во снег. Дел од повисоките планински села се целосно отсечени од комуникација поради високата снежна покривка.