Свет Свет Преговарачите бараат нов рок за договор со Иран

Преговарачите бараат нов рок за договор со Иран

Претставниците на шесте светски сили и Иран, по маратонските преговори, денеска побараа продолжување на крајниот рок за постигнување договор за да се постигне историска спогодба за иранската нуклеарна програма.

– Сè е на маса. Сега е време за одлука – изјави францускиот министер за надворешни работи, Лоран Фабиус, по 15-дневните деликатни разговори.

Новиот краен рок за постигнување договор е 13 јули, а двете страни разгледуваат колку презафатените министри за надворешни работи на шестте светски сили можат да ги прилагодат своите распореди за во Виена да стават крај на 13-годишниот застој во преговорите со Иран.

Трите претходни „крајни“ рокови во оваа рунда преговори – 30 јуни, 7 и 9 јули, веќе се пропуштени, а преговарачите остануваат без клучен договор.

Иран и таканаречената група 5 плус 1, министри на Велика Британија, Кина, Франција, Русија и на САД, плус Германија, се обидуваат да ја намалат способноста на Иран да развие нуклеарно оружје во замена за ослободување на Техеран од меѓународните економски санкции.