Дописници Прегазено тригодишно дете во Штип

Прегазено тригодишно дете во Штип

Враќајќи се од гробишта, тригодишно дете се отпуштило од раката на својата постара сестра и истрчало директно по автомобил кој се движел на патот Штип – Радовиш.

Детето починало на самото место, пред очите на своите родители. Кај возачот на автомобилот, кој е од Штип, не бил најден алкохол.

Јавниот обвинител Јован Ѓурков, кој синоќа беше на увид заедно со полицијата, изјави дека ќе се испитува крв и урина на возачот, додека врз телото на детото ќе се изврши обдукција.

Според првичните информации, тригодишното момче заедно со родителите и со сестричката било на гробишта, кои се наоѓаат на излезот од градот, на локацијата наречена Четврти километар, на магистралниот пат Штип – Радовиш, кога во еден момент претрчало на коловозот кон другата страна. Во тој момент налетал „голф“ со штипски регистарски таблички.

Од ударот на возилото, детето починало на местото на настанот.

Овој дел од градот е место каде и во минатото се случувале сообраќајни несреќи. Се вози брзо, иако од една страна се градските гробишта, а од друга е средното училиштето за деца со посебни потреби „Искра“.