Македонија Правото на глас го искористиле 723 заболени од ковид-19 и лица кои...

Правото на глас го искористиле 723 заболени од ковид-19 и лица кои се во самоизолација

Фото: Борче Поповски

Според информациите на Државната изборна комисија (ДИК), вкупно 723 лица го искористиле правото на глас во рамки на вчерашното гласање на лицата заболени од ковид-19 и оние кои се во самоизолација.

Иако било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, според претседателот на ДИК, Оливер Дерковски разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.

Од вчерашното и денешното гласање на болни и изнемоштени лица, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност.

Борис Кондарко, член на ДИК, изјави дека ливчињата од гласањето ќе останат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Тајноста е загарантирана и не постои начин да се отворат овие ливчиња, ниту да се провери кој за кого гласал. Сите ливчиња од гласањето на 13 и 14 јули ќе бидат отворени по завршувањето на гласањето на 15 јули.