Македонија Пратениците денеска ќе гласаат за буџетот на Јанева

Пратениците денеска ќе гласаат за буџетот на Јанева

Пратениците на денешната седница на Собранието ќе треба да го одобрат буџетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за таа да може да работи.

Средствата во износ од 63.420.428 денари или околу еден милион евра, како што се посочува во одлуката, се наменети за непречено работење и за автономно функционирање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за последниот квартал од 2015 година.

Во одлуката на Владата се предлага пренамена на средствата во рамки на планираните средства со буџетот на Република Македонија за 2015 година за да се обезбедат финансиски средства за реализација на финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Финансиите за работењето на Специјалното јавно обвинителство во петок беа изгласани од Комисијата за финансирање и буџет и од Законодавно-правната комисија.

Пред да се одобри буџетот во Собрание, тој се разгледуваше и во Владата и во Советот на јавни обвинители. Во Советот доби зелено светло и покрај тоа што членовите на Советот се жалеа дека обвинителствата во Македонија работат во многу тешки услови и со мали буџети.

Претходно, Советот изгласа само седум од вкупно 14 помошници-обвинители што ги побара Јанева.