Главна секција Пратениците денеска ќе гласаат дали законот за јазиците ќе го пратат до...

Пратениците денеска ќе гласаат дали законот за јазиците ќе го пратат до комисиите

Откако вчера се исцрпе расправата за предлог-законот за употреба на јазиците, пратениците денеска треба да гласаат дали Собранието ќе го прати овој текст на второ читање.

Во расправата во неколкуте продолженија на 15-тата седница, пратениците од опозицијата обвинуваа дека законот е против Уставот и начелото за унитарност на државата, а пратениците од владејачката коалиција тврдеа дека овозможува остварување на човековото право за користење на мајчиниот јазик.

За расправа во општиот претрес на пленарната седница беа пријавени 60 учесници, а откако таа конечно беше исцрпена, вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина 15-та седница, и го закажа продолжението за денеска во 12 часот, кога треба пратениците да гласаат дали законот ќе оди на второ читање.

Со оглед на тоа дека владејачката коалиција има загарантирани 62 гласа „за“, се очекува предлог-законот за јазиците да оди во понатамошна процедура.

По ова, Собранието ќе продолжи со работата на 12-тата седница, на која прва точка е предлог-законот за платите, поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува да продолжи расправата, во која вчера пратениците од власта и опозицијата се обвинуваа кој и што (не)направил за работниците.