Економија Поврзувањето на земјите од Западен Балкан ја зголемува конкурентноста на пазарите во...

Поврзувањето на земјите од Западен Балкан ја зголемува конкурентноста на пазарите во ЕУ

Третиот самит за Западен Балкан, што се одржа во Париз во рамките на Берлинскиот процес, има огромно значење за економијата во земјава, смета претседавачот на собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.

– Европската Унија навлегува во тешка фаза, но, сепак, постои европска перспектива за земјите од Западен Балкан. Процесот на пристапување кон Европската Унија не е само процес на усогласување на законодавствата во земјите, туку фокусот треба да биде и на економијата, економскиот развој, зголемувањето на конкурентноста, зајакнувањето на инфраструктурното поврзување на земјите од регионот и на подобрувањето на инвестициската клима – истакна Пешев.

Според него, поврзувањето не се однесува само на изградба на инфраструктура, туку и на нејзино максимално искористување.

– Што се однесува до инфраструктурните проекти, отворањето на пазарот на железничкиот сообраќај многу полесно ќе привлече нови инвеститори, бидејќи така би имале пристап не само на одредени национални сегменти, туку и преку цели коридори низ Западен Балкан – додаде Пешев.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со земјите членки на ЕУ во првите четири месеци изнесува 2.403.177.451 долари, што претставува пораст од 2,9 отсто споредено со истиот период лани, а Европската Унија е најголем трговски партнер на Македонија.