Хроника Повредените во сообраќајката кај Песочан се надвор од животна опасност

Повредените во сообраќајката кај Песочан се надвор од животна опасност

Осуммина повредени, меѓу кои и едно бебе, е билансот од вчерашната сообраќајка што се случи кај селото Песочан, на магистралниот пат Охрид – Кичево.

Во автомобилот „шкода“ со охридски регистерски таблички повредени се пет лица. Меѓу тешко повредените е бебе кое има потрес на мозокот. Тешко повредени се сопатичката М.Б. (24) од струшко Корошишта, 8-годишно девојче Л.М. од Њу Џерси, кое има скршеници на ребрата, и машко лице од Њу Џерси, кое поради тешките повреди е пренесено во скопските клиники.

Со полесни повреди поминал возачот на „шкодата“ П.Б. (23) од Корошишта.

Во „опел корсата“ со тетовски таблички повредени се три лица. Најтешко повреден е возачот Ц.В. (19) од тетовско Палчиште, кој, исто така, е пренесен на скопските клиники. Со скршеница на раката се здобил сопатникот Џ.Д. (21) од селото Симичани, Боговиње. Набиеници на главата добил 27-годишниот С.С. од Жеровјане.

Според последните информации, сите повредени се наоѓаат надвор од животна опасност.