Свет Свет Повеќето Британци се за останување во ЕУ

Повеќето Британци се за останување во ЕУ

Многу поголем е бројот на Британци што го поддржуваат останувањето на Велика Британија во ЕУ, отколку на тие што сакаат кралството да излезе од Унијата, покажа најновата анкета.

Според резултатите од анкетата, која ја спроведе агенцијата „Ком рес“ за весникот „Дејли мејл“, 55 отсто од анкетираните се изјасниле дека би гласале за останување во ЕУ доколку референдум се одржи сега.

Од друга страна, 36 отсто од анкетираните рекле дека би гласале за излегување од ЕУ, додека осум отсто се и понатаму неодлучни, што е помал процент во споредба со претходните анкети, соопшти „Ком рес“.

Агенцијата додала дека ова е прва телефонска анкета во која на учесниците им било прочитано официјалното прашање кое би било поставено на референдумот за членството на Британија во ЕУ, а кој треба да се одржи до крајот на 2017 година.

Другите анкети што биле спроведени во последно време покажале помала разлика меѓу тие што се залагаат „за“ и „против“ останувањето во ЕУ, додека некои покажале дека има повеќе приврзаници на идејата за излез од Унијата.