Македонија Повеќе делегации положија цвеќе пред споменикот на НОБ

Повеќе делегации положија цвеќе пред споменикот на НОБ

Пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, повеќе делегации положија цвеќе во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември. Цвеќе положи и делегација од Град Скопје, составена од градоначалникот Коце Трајановски и од претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

Во името на борците-ослободители на Скопје, се обрати Трајко Стаматовски, кој истакна дека говорел неколкупати на одбележување на годишнини од ослободувањето на Скопје, но секогаш му е чест да се обрати од нивно име.

– Секогаш кога сум говорел за ослободувањето на Скопје, сум го истакнувал херојството на ослободителите на нашиот главен град. Единиците на Третата, Дванаесеттата и на Шеснаесеттата македонска бригада, борбите ги водеа по улиците на Скопје и во поголемите објекти во кои беше забарикадиран непријателот. Ние извојувавме победа и ги остваривме стремежите на претходните генерации. Го направивме тоа само со сопствени сили, свесни дека до вистинска слобода се доаѓа само на таков начин – рече Стаматовски.