Економија Потрошувачката се намалува, кризата го зема данокот

Потрошувачката се намалува, кризата го зема данокот

Личната потрошувачка на граѓаните е еден од првите индикатори за економските состојби и е прва на удар доколку постои криза.

Секое нејзино намалување во континуитет значи воздржување на граѓаните од трошење и може да укаже дека политичката криза го зема својот данок.

Дека личната потрошувачка е намалена, неодамна за „Мета“ изјави и извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија, Митко Алексов.

– Евидентно е намалување во делот на личната потрошувачка. Постојат индикации во одредени сектори за откажување на нарачките и за преиспитување на обемот за следниот период – изјави Алексов.

Според гувернерот Димитар Богов, ако само еден месец има намалување во поглед на личната потрошувачка, тогаш можеби е инцидентно. Но, ако параметрите одат во надолна линија и понатаму, тогаш може да се каже дека тоа е реакција на кризата.

– Податоците за трговијата на мало се индикатори за довербата и за куповната моќ на потрошувачите. Прв сигнал за криза е воздржување на потрошувачите од трошење. Личната потрошувачка учевствува во 80 проценти од БДП. Дали ќе има намалување, ќе знаеме за некое време – изјави Богов на средбата со турските инвеститори.