Економија Потпишан меморандум за зајакнување на банкарската супервизија

Потпишан меморандум за зајакнување на банкарската супервизија

Меморандум за соработка помеѓу Европскиот банкарски орган и супервизорските органи на Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и на Република Српска, беше склучен денеска на конференција во „Александар палас“.

– Со потпишувањето на овој меморандум, се признаваат напорите во овие земји за унапредување и за зајакнување на банкарската супервизија и регулатива и нивно приближување кон стандардите и кон практиките присутни во Европската унија. Во исто време, со меморандумот се воспоставува рамка за соработка и за размена на информации со европскиот банкарски орган, се олеснува учеството на супервизорските органи во супервизијата на банкарските групи од Европската унија присутни во овие земји, а се зголемуваат и можностите за понатамошно зајакнување на капацитетот на супервизијата – се вели во соопштението на Народна банка.

Меморандумот е склучен под покровителство на Виенската иницијатива– јавно-приватна мрежа, воспоставена во 2009 година заради заштита на финансиската стабилност во земјите од Централна и од Источна Европа.