Македонија Поставена биста на Томас Транстромер во седиштето на Струшките вечери на поезијата

Поставена биста на Томас Транстромер во седиштето на Струшките вечери на поезијата

Томас Транстромер е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година

Фото: СВП

Во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга и седиштето на меѓународниот поетски фестивал Струшките вечери на поезијата е откриена биста на Томас Транстромер, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година. Автор на спомен обележјето е академскиот вајар Сокол Цфарку, а бистата е донација од македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.

На настанот беа прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а директорот на СВП, Тодорче Тасевски, во своето обраќање истакна дека монографијата со избрани песни од Томас Транстромер е мостот што ги зближува нашите две култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот.

Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.