Македонија Поставен камен-темелникот на првата црква во Карпош

Поставен камен-темелникот на првата црква во Карпош

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан, го постави камен-темелникот и го освети местото каде што ќе се изгради црква „ Христос Спасителот“ во општина Карпош, зад трговскиот центар „Скопје сити мол“.

Градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски, им вети на граѓаните уште неколку цркви на територија на Карпош.

– Покрај овој свет храм, камен-темелник ќе поставуваме веќе наредната година во наслебата Влае, како и уште една црква во Козле, во близина на споменикот на Кузман Јосифовски Питу. Во потрага сме по локација за четврти храм на територијата на Карпош, и тоа во Карпош 1 и 2, и со тоа сметаме дека во најголем дел на подрачјето на Карпош, ќе биде покриено со православни божји храмови. Веруваме дека токму во нив сè почесто ќе се склучуваат бракови и ќе се крштеваат дечиња – рече Јакимовски.

Ктитор на храмот ќе биде Зоран Антиќ, а проектот е на фирмата „Синдикат студио ДОО“- Скопје.

Во населбите долж булеварот Партизански одреди, од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во центарот на главниот град до црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, досега немаше друг храм на МПЦ-ОА.