Македонија Порталб: Иако беше ветено, ОУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир сè уште не...

Порталб: Иако беше ветено, ОУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир сè уште не е реконструирано

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу во програмата која ја презентираше во предизборната кампања на последните локални избори, меѓудругото вети и многу проекти во врска со реконструкција на основните училишта на територијата на оваа општина, пишува Порталб.мк.

Во оваа програма тој вети реконструкција на ОУ „Исмаил Ќемали“. Сепак, иако вети дека проектот за реконструкција на ова училиште ќе вклучува реконструкција на фасадата, на кровот, на оградата, хортикултурно уредување, игралиште со реквизити, урбана опрема, пешачка уличка, проширување со 10 училници, ништо од тоа не е реализирано. За реализација на овој проект, тој вети буџет од 83.950.200,00 денари.

Но, сепак, надворешното училишно опкружување останува несредено. Дел од дворот, освен што ги нема ветените улички за пешаци, има и кал, особено зимскиот период кога врне дожд и снег.

Што се однесува до проширувањето на паралелките, Ганиу во својата програма вети 10 паралелки, додека во изјавата дадена за Порталб.мк на 22 јануари, тој рече дека училиштето ќе биде проширено со 8 училници.

„Ветен е проект за реконструкција на училишта и досега имаме шест реконструирани училишта. Ќе започнеме со реализација на ветувањето за проширување на осум нови паралелки во основното училиште „Исмаил Ќемали“, затоа што има голем број ученици и има потреба од нови простори“, одговори Ганиу.

Потсетуваме, дека за време на неговата предизборна кампања, Ганиу ветуваше и дека ќе ги реконструира градинките, но ниту тие досега не се реконструирани.