Македонија Порибена акумулацијата „Стрежево” со 6.000 единки крап и пастрмка

Порибена акумулацијата „Стрежево” со 6.000 единки крап и пастрмка

Водите во акумулацијата Стрежево денеска беа порибени со 1.000 единки подмладок од крап и 5.000 единки подмладок од пастрмка, како дел од активностите за зачувување и заштита на животната средина

Фото: МЗШВ

Водите во акумулацијата Стрежево денеска беа порибени со 1.000 единки подмладок од крап и 5.000 единки подмладок од пастрмка, како дел од активностите за зачувување и заштита на животната средина, спречување на еколошки проблеми и зачувување на биодиверзитетот, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Локацијата на порибувањето беше браната „Стрежево”, а подмладокот потекнува од регистрираниот репроцентар Акватика.

„Ние како концесионер, постојано се грижиме за одржување на рибниот фонд во акумулацијата Стрежево. Со тоа овозможуваме одржување и зголемување на популацијата на риби, а воедно тоа значи и зачувување и заштита на автохтони (домородни) и загрозени видови на риби, како и грижа за нивната видова разновидност, старосна структура и бројност“, изјави директорот на ЈП “Стрежево“ – Битола, Методија Граматковски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека неодамна успешно бил завршен проект финансиран од ЕУ „Усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ во областа на рибарството и аквакултурата во Република Северна Македонија“.

„Придобивките на проектот се значајни не само за МЗШВ, туку и за целата држава, бидејќи со резултатите на проектот, одиме чекор понапред во усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ за Поглавје 13-Рибарство, а со тоа и чекор понапред кон нашата стратешка цел – членство во Европската Унија“, рече Николовски.