Хроника Поранешен службеник во Агенција за катастар осомничен за фалсификување документи

Поранешен службеник во Агенција за катастар осомничен за фалсификување документи

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе пријава против И.А. (53), поранешен вработен во Агенцијата за катастар, осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, информираат од полицијата.

Кривични пријави, во врска со случајот, се поднесени против уште две лица, односно М.Н. (55) и Н.Н. (67) од кумановското село Буковљане, кои, пак, се товарат за употреба на исправа со невистинита содржина и за пустошење шума.

Според полицијата, првоосомничениот И.А., во 2010, 2012 и во 2013 година, откако се договорил со другите двајца, како и со уште пет други лица, во Агенцијата за катастар, подготвил потврди со кои седум парцели во околината, од кои дел биле државна сопственост, ги префрлил во имотниот лист на петте лица.

Потоа двајцата осомничени жители на Буковљане ги искористиле потврдите, за кои, според полицијата, знаеле дека се невистинити, како доказ за да добијат дозвола за сеча на огревно дрво од две парцели, со што ја оштетиле државата за околу 3,9 милиони денари.