Свет Европа Порака пред мини-самитот: Заеднички да се реши мигрантската криза

Порака пред мини-самитот: Заеднички да се реши мигрантската криза

Највиските функционери на Европската унија се согласија дека е потребен заеднички пристап во решавањето на мигрантската криза и подобра соработка со државите долж балканскиот бегалски пат.

– Денеска не можеме да правиме разлика меѓу членки и не-членки на ЕУ, бидејќи кризата го погодува целиот континент – изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Тој истакна дека ниту една земја нема да стане паркиралиште за бегалците и дека треба да се изградат нови центри за прифаќање, каде стручни лица ќе ги регистрираат бегалците.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека очекува конкретни оперативни мерки и кохерентен и заеднички пристап при решавање на проблемите.

Таа предупреди дека кризата нема да помине наскоро и истакна дека е неопходно да се отстранат причините за проблемите за покренување на дипломатски акции за завршување на војната во Сирија.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, укажа на сè поголемиот проблем со ксенофобија и со национален егоизам во Европа и ги критикуваше тие што сметаат дека со бегалците треба да се пресметаат насила.

Според германската канцеларка Ангела Меркел, целта на самитот е подобро да се регулира прифаќањето на бегалците, за да им се олесни патот. Во таа насока, потребни се регистарски центри на границите.

Денешниот мини-самит почна попладнево, а ќе продолжи и вечерва кога треба да бидат усвоени заеднички заклучоци.