Економија Поради кризата, компаниите не инвестираат и се соочуваат со помала ликвидност

Поради кризата, компаниите не инвестираат и се соочуваат со помала ликвидност

Поради целокупната ситуација во државата, компаниите се соочуваат со помала ликвидност, неможност за реализација на нивните инвестиции и на планираните проекти.

Ова беше истакнато на средбата помеѓу членките на регионалните стопански комори на Прилеп и на Кавадарци, во кои влегуваат и компании од Крушево, Долнени, Кривогаштани, Неготино и од Росоман. На состанокот, освен претставници од бизнис-секторот, учествуваа и градоначалниците на овие два града.

„Проблемите со кои ние како компании се соочуваме се истите со кои се соочуваат и сите други компании во Македонија, а тоа е намалената ликвидност на претпријатијата. Најголеми причини за проблемите кои ги имаме се немањето доволно средства во поглед на развивање на планираните инвестиции. Во овој момент ситуацијата е таква каква што е, се надеваме дека ќе се надминат овие проблеми и дека во иднина ќе немаме проблем за реализацијата на нашите инвестиции и планови“, изјави Игор Мицев, раководител на правен сектор во „Кожувчанка“.

На средбата било разговарано и за гасификацијата, а гасоводот веќе го поминал Кавадарци и во тек била постапка на директно приклучување на одредени компании како „Дрекселмајер“, „Фени индустри“ и ИГМ.

„Понатаму, како втора фаза ќе бидат поврзани сите други стопански субјекти, а гасификацијата на домаќинствата ќе оди преку давање под концесија на мрежата, процес кој ќе го води државата“, истакна градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.