Македонија Попоски во Осло: Треба да се смени пристапот за прием во НАТО...

Попоски во Осло: Треба да се смени пристапот за прием во НАТО и ЕУ

Шефот на македонската дипломатија,Никола Попоски, денеска во Осло се сретна со министерот за надворешни работи на Кралството Норвешка, Борге Брендеата, министерка за одбрана, Ине Ериксен Сореиде, како и со членови на Комисијата за надворешни работи и одбрана на норвешкиот парламентот.

Како што соопштуваат од МНР, на средбите се разговарало за можностите за унапредување на билатералните односи и за соработка во повеќе сфери, а заемно биле потврдени добрите политички релации, плодната соработка во одбраната и во безбедноста. Во фокусот на разговорите била и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

– Повеќегодишната блокада во НАТО и во ЕУ е реалност, но за да се надмине, потребна е промена во пристапот. Невообичаено е што со географски подалечна земја партнер брзо доаѓаме до логични заклучоци за тоа како може да го направиме регионот постабилен, додека некогаш меѓу соседи изгледа потешко да договориме пристап во заеднички интерес – истакнал Попоски.

Норвешките соговорници, како што велат од МНР, ја повториле принципиелната поддршка на политиката на отворени врати на Алијансата за Република Македонија како значаен услов за долготрајната стабилност и безбедност на целиот регион, како и за процесот на проширување на Европската унија.