Македонија Попоски и Коѕиас во Њујорк разговарале за мерките за градење доверба

Попоски и Коѕиас во Њујорк разговарале за мерките за градење доверба

Мерките за градење доверба беа една од главните теми за кои денеска во Њујорк разговараа министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас. Двајцата министри одржаа средба на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Како што информираат од грчкото министерство за надворешни работи, средбата поминала во добра клима, а министрите се фокусирале на разговорите за мерките за градење доверба, на кои се посветени двете страни, како и на случувањата во регионот.

Попоски и Коѕиас разговарале и за вториот Регионален четирилатерален самит меѓу Грција, Бугарија, Македонија и Албанија, кој е планирано да се одржи во октомври во Солун. Првиот ваков самит се одржа на грчка иницијатива во април и беше фокусиран на справување со предизвиците од бегалската криза.

Коѕиас денеска заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе има средба и со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, а утре ќе се сретне со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц.